Фудбал
12. јуни 2021 - 21:40

Дебитантот Финска ја изненади Данска во Копенхаген

Финската фудбалска репрезентација, која заедно со македонската, се единствените дебитанти на ЕУРО2020, приреди вечерва големо изненадување совладувајќи ја Данска во Копенхаген со 1:0 (0:0) во натпревар од првото коло во групата Б.

На барање на двете репрезентации, откако пристигнаа вести дека Ериксен е во стабилна здравствена состојба, УЕФА даде согласност по вечерашниот итен состанок најпрво да се доиграат преостанатите пет минути од првото полувреме, по што ќе следи петминутна пауза пред стартот на второто полувреме.

Воведниот натпревар во рамки на групата Б на ЕУРО2020 беше прекинат во 41. минута кога Ериксен одеднаш колабираше на теренот, а лекарската служба веднаш почна со негова реанимација.

Додека траеше лекарската интервенција, соиграчите го опкружија телото на Ериксен за да ги спречат камерите да снимаат, но можеше да се забележи дека медицинскиот тим е во постапка на реанимација.

Данските и финските фудбалери, како и навивачите, останаа шокирани од сцените, а на лицата на многумина можеа да се забележат и солзи.