Свет
22. February 2017 - 22:02

Де Мистура не очекува брз пробив на преговорите за Сирија во Женева

Специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стафан де Мистура, денеска изјави дека не очекува брз пробив на мировните преговори во Женева, но се надева дека земјите ќе го искористат овој позитивен импулс за постигнување спогодба, пренесоа француските медиуми.

- Не очекувам брз  пробив, но очекувам тоа да е почеток на серија преговарачки кругови, изјави емисарот на новинарско прашање.

На прес-конференцијата организирана на еден ден пред очекуваното обновување на преговорите, Де Мистура изјави дека Русија побарала од сириската Влада да ги прекине воздушните напади додека се водат преговорите.

- Имајќи го предвид барањето на Москва до својот воен сојузник за прекин на воздушните напади, и другите светски сили треба да побараат од вооружените бунтовници да го направат истото, рече Де Мистура без директно да ги спомене САД, кои ги поддржуваат бунтовниците, посочуваат британските меидуми.

„Некои инволвирани земји во сириската војна сакаат да ги саботираат преговорите“, дополни тој.

Делегацијата на Владата во Дамаск и онаа на Високиот комитет за преговори, која ги опфаќа клучните организации на опозицијата, веќе пристигнаа во Женева. Посредникот на ОН изјави дека се очекуваат уште делегации, но не прецизира кои.

Запрашан за форматот на претстојните преговори, Де Мистура не кажа дали делегациите прифатиле овој пат директно да разговараат на една маса.

- Сакам изутрина со делегациите прво да разговарам на билатерални средби, одговори тој.

Емисарот потврди дека главни теми на преговорите ќе бидат формирање нова сириска Влада, изработка на новиот Устав на земјата и подготовка на идните избори, забележува ТАСС.