Свет
23. January 2017 - 14:13

Даунинг стрит 10: Тереза Меј знаела за пробата со ракетата Трајдент, но не го знаела резултатот

Британската премиерка Тереза Меј знаела дека во јуни минатата година морнарицата на Велика Британија извршила проба на ракетниот систем „Трајдент“ во Атлантикот, но не го знаела точниот резултат од тестот, кога еден месец подоцна побарала од пратениците да го одобрат владиниот план за негова темелна обнова, јавува телевизијата Скај.

Според оваа британска телевизиска станица, портпаролот на Меј одбил денеска да ги потврди или да го демантира откритието на неделникот „Сандеј Тајмс“ за неуспешната проба, освен што рекол дека таа била известена за пробата, како и дека и било речено оти пробата била „целосно успешна“.

Во јули 2016 година, веднаш откако Меј по наследи Дејвид Камерон на премиерската функција и неговата оставка по поразот на референдумот за ЕУ, владата што таа ја создаде побара во Долниот дом на Парламентот гласање за да се одобрат 40 милијарди фунти за обнова на ракатениот систем „Трајдент“, со кој се опремени британските нуклеарни подморници.

На гласањето, 472 пратеници ја поддржаа скапата обнова на овој систем, додека 117 беа против, но опозициските лабуристи и Шкотската национална партја (СНП) тврдат дека пратениците поинаку би гласале, доколку знаеле за неуспешната проба која морнарицата ја сокрила од јавноста.

Британската опозиција сега бара истрага и објаснување од владата, а посебно од премиерот Меј за тоа дали таа знаела за неуспешниот тест, кога од пратениците барала да одобрат средства за новиот „Трајдент“.
Во неделата, во интервју за Би-Би-Си, Меј на четирипати повтореното прашање не одговори дали знаела што навистина се случило во Атлантикот.

Во јуни, додека таа се уште беше министер за внатрешни работи, британската морнарица тајно извршила тест со една ракета „Трајдент“ лансирана од подморница, на девет илјади километри од брегот на Флорида.

Ракетата која немала експлозивно полнење, требало да погоди цел во океанот, западно од брегот на Африка, но наместо тоа ракетата полетала кон САД.

Воени експерти предупредуваат дека можело да се случи ракетата да падне на територијата на САД, но тоа сепак не се случило.

Од 2000 година, морнарицата има извршено десетина вакви проби и за сите било јавено дека се успешни, но за оваа проба јавноста, а ниту Парламентот не знаеле ништо, иако во тоа време биле правени подготовки за гласање во Долниот дом за да се одобри обнова на системот „Трајдент“ кој може да носи и нуклеарни боеви глави.

Ракетниот систем „Трајдент“ потекнува од осумдесетите години на 20 век, кога премиер се уште беше Маргарет Тачер. Овој систем го замени дотогашниот „Поларис“, првпат лансиран во шеесетите години на минатиот век.