Свет
13. December 2015 - 14:48

Даунинг стрит 10 демантира дека Камерон попушта пред ЕУ за социјалните бенефиции

Кабинетот на британскиот премиер Дејвид Камерон, ги демантираше денеска тврдењата во неколку лондонски весници за тоа дека попушта пред одбивањето на земјите од ЕУ да го прифатат барањето на Лондон за воведување ограничување за мигрантите од Унијата кои влегуваат во Велика Британија.

Даунинг стрит 10 тврди дека Камерон разговара со сите европски лидери и настојува да се постигне согласност за британските барања, но дека останува определен да ги увери своите европски партнери во оправданоста, мигрантите од ЕУ во Британија, да чекаат четири години, пред да може да аплицираат за социјални бенифиции.

Неделниците „Сандеј Телеграф„ и „Сандеј Тајмс„ во своите најнови изданија тврдат дека Камерон се повлекува пред европското неприфаќање на ограничувањата за мигрантите од ЕУ, за да може да се исполнат другите британски барања за реформирање на Унијата, за што се верува може да се обезбеди поддршка.

Откритијата за „промената на позицијата„ на Камерон за преговорите со Брисел, доаѓа пред претстојниот Самит на ЕУ, што се одржува во четврток и петок. Весниците се повикуваат на извори од владата и опкружувањето околу премиерот, што не се именуваат.

Опозициските лабуристи одново ја критикуваат владината политика кон ЕУ, оценувајќи ја како контрапродуктивна.

Поранешниот министер за внатрешни работи, Ален Џонсон изјави дека Камерон и неговите министри, наместо што се расправаат со ЕУ и водат кампања за напуштање на Унијата, би требало да се свртат кон европската криза со бегалците и да играат главна улога во разрешувањето на кризата.

Камерон уште пред две години, најави нови преговори со Брсел околу идниот статус на Британија, како и референдум за останување или напуштање на Унијата, до крајот на 2017 година.

Сите членки на ЕУ се согласуваат дека Британија треба да остане во Унијата, но не прифаќаат ревизија на „основните правила на кои се темели заедницата„.

Членките од Источна Европа се посебно критични кон барањето на Лондон за ограничувањето на мигрантите, затоа што веруваат дека тоа се однесува пред се, за луѓето од земјите-нови членки на ЕУ.