Македонија
3. December 2016 - 9:16

Дарко Багески ќе настапи на 2.Интернационален фестивал за гитара во Плевен

Гитаристот Дарко Багески денеска ќе одржи солистички концерт на вториот Интернационален фестивал и натпревар за гитара во Плевен, Бугарија (Pleven Guitar Festival). 

На фестивалот ќе има учесници од 24 држави, а македонскиот гитарист ќе настапи во иста вечер со Герхард Рајхенбах од Германија, кој е негов поранешен професор на постдипломските студии.

На програмата ќе бидат изведени дела од Бах, Џулијани, Мерц, Вајс, Мирослав Тадиќ, Реис...

Дарко Багески (1981) е вонреден професор по гитара на Факултетот за музичка уметност во Скопје, одржува мастер-класи на меѓународни фестивали и натпревари и често е член во жиријата.

Музичкото образование го почнал во Скопје, матурирал во Средно музичко училиште во Загреб, а дипломирал на Високата школа за музика „Франц Лист“ во Вајмар, Германија. Магистрирал на Државниот конзерваториум за музика во Солун. Се едуцирал кај еминентни професори по класична гитара, како: Џевдет Сахатџија, Герхард Рајхенбах, Јурген Рост, Костас Коциолис...

Имал голем број солистички концерти во Македонија, Хрватска, Србија, Германија, Грција, САД, Шведска..., настапувајќи како солист со камерни оркестри и со Македонската филхармонија.

Претседател е и основач на Здружението на класични гитаристи, како и уметнички директор и еден од основачите на Меѓународниот фестивал за класична гитара ТРЕМОЛО.