Свет
13. January 2022 - 9:18

Данска ги олеснува мерките и нуди четврта доза вакцина против Ковид-19

Данска ќе понуди четврта доза вакцина против коронавирусот за најранливите категории граѓани, соопшти министерот за здравство Магнус Хеунике додека земјата се соочува со пораст на бројот на новозаразени, но и ги олеснува рестриктивните мерки.

Овој потег доаѓа во истата седмица кога данските пратеници одлучија да ги ублажат постоечките рестриктивни мерки, што вклучува и отворање кина, музеи, концертни сали и ботанички градини.

– Колку е пораспространета инфекцијата во општеството, толку е поголем ризикот таа да стигне до нашите најранливи граѓани, рече Хеунике.

– Сега отвораме ново поглавје, пред сè со одлуката за четврта доза вакцина за најранливите групи, додаде тој.

Европската агенција за лекови изрази сомнеж за потребата од четврта доза, велејќи дека нема докази за придобивките од таквиот пристап.

И Унгарија разгледува воведување четврта доза, а Израел и Чиле веќе почнаа да ја даваат.

Во Данска дневно се регистрираат околу 20.000 новозаразени, но бројот на смртни случаи и хоспитализирани сè уште е далеку помал од пред една година.

– Ние сме во подобра позиција отколку што очекувавме и се плашевме, рече Сорен Бростром, шеф на данската здравствена агенција.

– Сега можеме со значително поголема сигурност да кажеме дека оваа нова варијанта на вирусот, во моментов доминантна, предизвикува помалку болести, нагласи тој.

Во Данска, две дози од вакцината биле дадени на четири од пет граѓани, а три дози на нешто повеќе од половина од вкупното население. Четвртата доза ќе биде достапна кон крајот на оваа недела.