Македонија
24. November 2020 - 21:16

Дали преведувач во истрагите на Хашките случаи може да биде повикан за сведок?

Вицепремиерот Груби негира каква било инволвираност со т.н. „Жолта куќа“. Вели дека работел како преведувач за иследниците од Хашкиот трибунал, но и дека не е повикан како сведок во Хаг, како што објавија дел од медиумите.

-Моето ЦВ е јавно објавено на веб страницата на Владата, претходно и на Собранието и сите знаат дека сум работел за Хашкиот трибунал од 1999 до 2004 година во канцеларијата на обвинителката како преведувач. И тоа, сум работел на истраги и во Македонија, на сите случаи, сум работел на истраги во Албанија, Косово, Црна Гора, Србија. Нема ништо спорно во однос на овој ангажман, вели Груби.

Груби појаснува дека неговиот ангажман сега се актуелизира поради предизборната кампања во Албанија.

Адвокатот Антонио Апостолски кој го бранеше Јохан Тарчуловски во Хаг за Сител вели дека Груби не може да биде повикан како сведок за нешто што преведувал за време на истрагата.

-Истите потпишуваат изјава дека не смеат да објавуваат факти за кои разбрале како преведувачи. Артан Груби апсолутно не може да биде повикан како сведок за нешто што преведувал. Така што сметам дека истиот може да биде повикан за сведок само доколку присуствувал на некој настан за кој што може да посведочи. А за тоа што работел како преведувач не може да биде повикан како сведок пред Хашкиот трибунал, појаснува Апостолски.

„Жолтата куќа“ и за време, но и по воениот конфликт на Косово беше посочувана како место каде се ваделе органи од живи заробеници на ОНА, претежно Срби и Роми. Обвинителката Карла Дел Понте прва прогови јавно за наводните злосторства кои се случувале таму.

Во Хаг почна судски процес против раководството на ОВК кое е обвинето за злосторства. Меѓу обвинетите се и поранешниот косовски претседател, Хашим Тачи и спикерот Кадри Весели. Груби тврди дека „Жолтата куќа“ не се споменува во обвиненијата против политичарите кои во моментов се во притвор во Хаг.