Македонија
26. July 2021 - 21:16

Дали по 3 децении државата конечно ќе најде партнер за изградба на ХЕЦ Чебрен?

До крајот на годинава ќе се знае кој ќе му биде партнер на ЕСМ во изградбата на хидроцентралата Чебрен на Црна Река. Во игра се девет компании кои треба да се борат во вториот круг. Станува збор за фирми од Кина, Грција, Турција, Германија, Австрија, Италија.

- Кон средината на септември ќе се објави тендерот на кој 9 те компании кои ја поминаа првата фаза, односно кои технички се квалификуваа за првиот тендер,  сега ќе дадат комплетни понуди. Изборот која од нив ќе биде партнер на ЕСМ во јавното приватно партнерство ќе се знае во декември до кога треба да  поминат сите рокови за поднесување на понуди, жалби и аукции, се вели во дописот од ЕСМ.

Проценките се дека проектот ќе чини близу 600 милиони евра. Хидроцентралата ќе биде со моќност од 330 мегавати со годишно производство до 1.000 гигавати електрична енергија. Хидроцентралата треба многу да придонесе за енергетскиот сектор  во земјава.

Инаку станува збор за децениски проект кој датира уште од 70 тите години. Претходно во пакет се нудеа  и Чебрен и Галиште заедно. Но тендерите завршуваа без успех. Како причина за тоа беше наведено дека станува збор за гломазен и голем проект, а толку вода за негова реализација нема, па така се одлучи да се гради само  Чебрен.