Македонија
9. November 2017 - 16:28

Дали македонските пратеници често се „дефокусирани“?

Расприкажани додека трае сесијата, не гласаат иако се присутни, нивните координатори ги правдаат дека биле дефокусирани, но дека грешките ќе си ги поправат. Ја заработуваат ли народните избраници платата од околу 90.000 денари?

Темата за тоа колку пратениците се одговорни кон својата работа се отвори по прегласувањето на препораките за човекови права од Народниот правобранител кога во собраниската сала иако имаше доволен број пратенци речиси половината од нив заборавиле да гласаат.

Според  Уставот и Деловникот на Собранието, пратениците својата функција ја вршат професионално. Присуството на седниците, говорите и гласањето се нивните главни работни задачи. Иако е тој кој ги води седниците, Талат Џафери вели дека не е тој пред кого тие треба да понесат одговорност.

Неодговорноста кон точките на дневен ред не е единствената забелешка на работата на пратениците.

- „Ова е салата Македонија, работната просторија на народните избраници. Овде тие ја заработуваат својата плата и ја стекнуваат довербата од граѓаните. Но ретко кога ја гледаме полна со сите 120 пратеници, колку што брои Собранието на РМ“

Всушност најчестата слика од главната пленарна сала е дека таа е полупразна.

Поради ваквиот однос Трајко Вељаноски го измени Деловникот и воведе казни за оние кои не доаѓаат на работа и тоа во висна од 2/3 од пратеничката плата. Џафери пак, тврди дека во овој парламентарен состав проблем со отсуство нема - сите си го оправдувале своето отсуство навреме.

- Пратениците ја вршат функцијата професионално и за присуството треба да се одговорни пред се пред самите себе

Паралментот години назад изготуваше извештај „Мојот пратеник“ за работата на секој парламентарец со информации за неговото присуство, колку пати гласал, колку пати говорел, но и колку закони или амандмани предложил. Од формирањето на овој парламентарен состав, веќе речиси една година, ваква евиденција нема.