Балкан
23. September 2015 - 12:41

Дачиќ: Србија нападната, Хрватска води трговска војна

Првиот потпретседател на Владата на Србија и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави денеска дека Хрватска против Србија води трговска војна и економска агресија, оценувајќи дека Србија е „нападната“. 

- Доколку сакаат судир, нема никакви проблеми, рече Дачиќ и нагласи дека доколку некој смета дека Србија нема да воведе мерки, да не си игра со неа. 

- Имаме подготвени мерки, но ги одложивме, рече Дачиќ, гостувајќи во Утринската програма на ТВ Пинк и додаде дека ги имаме сите права да ја заштитиме нашата држава, нашата економија. 

Тој додаде дека Србија е соочена со ултиматум и земјите „поради ова војувале во минатото“, но дека Белград не сака какви било судири. 

- Србија ја одложи примената на контрамерките, што наиде на позитивна реакција кај европските партнери, нагласи Дачиќ. 

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ изјави дека Србија нема да воведе никакви мерки против Хрватска, бидејќи тоа би биле мерки против ЕУ.