Македонија
2. August 2017 - 20:09

ЦУК: Се уште гори кај Требовље

Пожарот во атарот на селото Требовље, општина Македонски Брод се уште е активен кон месноста Лутоец и селото Растеш. Во моментот загрозени се првите три куќи од селото и една плевна. Старицата и болното дете во село Растеш, местото викано Калец се евакуирани од куќата на која и претстоеше опасност да биде зафатена од пожарот.

Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), на гасење на пожарот на терен дејствува еден хелихоптер од АРМ. Утрово дејствувале два авиони на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), два хелиоптери на АРМ и еден хеликоптер, помош од Република Бугарија. На терен се и тимови од Територијалната противпожарна единица од Кавадарци, од ЈП „Македонски шуми“, припадници на АРМ, месното население и вработени од ДЗС.

Во моментотот појавен е нов шумски пожар во реонот меѓу селата Девич и Грешница и постои загрозеност на првите куќи од селото Девич. Во гасење на овој пожар дејствува екипа на Територијалната противпожарна единица-Македонски Брод и лица од ЈП „Македонски шуми“-Македонски Брод.

На територија на РЦУК Велес има еден активен пожар, кој ги зафаќа падините на Горна Јакупица. Пожарот зафаќа подрачје кое е прекриено со суви дрва, а теренот е тешко достапен и опасен за гасење. Во гасењето ангажирани се вработени во Шумското стопанство „Бабуна“ од  Велес.

На подрачјето меѓу селата Раштани и Бузалково појавен е пожар на отворен простор. Околу 14:30 часот пожарот е раширен во три правци и тоа кон селата Раштани, Сливник и Клуковец. Во гаснењето на пожарот интервенираат екипи на Територијалните противпожарни единици. 

РЦУК–Тетово информира дека пожарот кој што е активен во село Здуње, истиот пожар од село Требвље во Македонски Брод, има тенденција за проширување во атарот на село Гургурница, општина Тетово.

Околу 9:30 часот на потегот меѓу селата Теранци и Водовиште, кај местото викано Трнавица избувнал шумски пожар со ниска шума кој почнал да се шири спрема манастирот „Света Петка“ на планината Плачковица, соопшти РЦУК–Штип. 

Во гаснењето на пожарот интервенираат екипите на Територијалната противпожаран единица од Кочани, ДЗС и месното население. Пожарот се уште не е локализиран и веќе е проширен на висока шума.