Балкан
20. July 2017 - 12:30

Црвените линии на Додик

Радио Слободна Европа – Прага

Изјавата на претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик, на јавниот собир во Братунац на седми јули, „дека муслиманите се финансирани со цел повторно да ја окупираат Дрина”, е во низата на тие со кои Додик покажува дека не ја почитува државата БиХ, внесува раздор и поттикнува омраза, наведоа аналитичарите во Федерацијата БиХ. Членот на претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ побара да реагира меѓународната заедница додека Додик одговори дека неговото барање е „продолжеток на криминализацијата на политичарите од РС”.

Членот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ во понеделникот побара од високиот претставник за БиХ Валентин Инзко и Управниот одбор на Советот за спроведување на мир во БиХ, „без одлагање и без резерва да ги употребат сите овластувања, средства и ресурси кои ги имаат и кои се неопходни конечно да се спречи повеќегодишното антицивилизациско, антидејтонско и против уставно делување на Милорад Додик”.

Дали некој од повиканите ќе реагира и ќе го прекине тој лош однос на Додик, веќе добро познатиот факт дека тој зборува и работи што сака, дека навредува без последици?

Политичкиот аналитичар од Сараево Есад Бајтал смета дека веќе одамна нема потреба за пишувани барања, т.е. дека тие кои го чуваат мирот во БиХ треба да реагираат, не чекајќи прием на пошта.

„Најдобро ќе беше никој на никого да не се обраќаше, а тој кој е должен, тој кој е во БиХ поради зачувување на мирот и интеграциите на земјата, да реагира на ваквата изјава која ги вознемири граѓаните, која е нецивилизациски испад, реторика која е апсолутно бесмислена и патолошка” – вели Бајтал. 
Професорот на Универзитетот во Бањалука, Миодраг Живановиќ смета дека и сега, како и толку пати претходно, меѓународната заедница ќе остане „глува и нема” на реториката на Додик.

„Институциите на меѓународната заедница веќе десет, а можеби и повеќе години, имаат во БиХ медијаторска улога. Тие повеќе не се мешаат во решавањето на проблемите во БиХ, во решавањето на проблемите на ентитетите, кантоните итн., како и во решавањето на тоа што се однесува на меѓуетничките односи. Дури и ако реагираат, тоа изгледа како нешто што доаѓа од вселената, тие реагираат како вонземјани. Од една страна, зборуваат познати фрази или бесмислици, а од друга страна не прават ништо за да се смени таа реална состојба. Ако ме прашате мене, што јас најмногу би сакал во животот да правам, ќе кажам кратко и јасно: да бидам претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина” – вели Живановиќ.

Форумот на бошњачките интелектуалци, кој реагираше меѓу првите, изјавата на Додик ја означи како „фашистичка”.

„Ова што го изјави не е за жолт картон, фудбалски кажано, кога одите лизгачки со двата ѓона кон противникот, ова е за црвен картон, за исклучување од политиката” – порача Суад Куртчехајиќ, претседател на Форумот на бошњачките интелектуалци.

Од друга страна, се поставува прашањето зошто Додик упорно дава изјави кои се далеку од цивилизацискиот стандард, од вообичаените норми на политичката комуникација, кој сега испрати и една патолошка изјава, како што вели професорот Бајтал.

„Тоа е наменска изјава која е темпирана да ги зголеми тензиите и да ја зголеми омразата, на што тој работи речиси две децении, изјава која логички е апсурдна. Како може враќањето на луѓето во нивните куќи на своите имоти да го нарече окупација, а претходно нивното протерување од нивните огништа да не го нарекува агресија, туку ослободување? Тоа е парадоксална изјава. Ако Европа, ако модерниот демократски свет е подготвен да премине преку таков апсурд, тогаш ние останатите тука не можеме ништо да направиме. Но, од гледна точка на цивилизациските вредности и модерната демократија, некој треба да му каже дека ги премина сите граници на цивилизациските норми и нормалниот човечки однос” – вели Бајтал.

Професорот Миодраг Живановиќ смета дека апсурдните изјави на Милорад Додик, врз чиј основ се создава впечаток дека е недопирлив и дека никој ништо не му може, имаат и друга страна на медалот.

„Јас мислам нешто што нема да личи на другите коментари. Значи, тој однос на Додик и се ова што го прави и работи, покажува всушност дека неговата оддалеченост од животот, од секојдневните проблеми на луѓето итн., не е ништо друго туку еден добар знак (па и тоа дека никој ништо не му може) дека неговите зборови губат на тежина и дека тој губи на значење. И според мене тоа е добро што така се случува, бидејќи тоа е практично Додиков акт на самоубиство, така би го нарекол тоа. Ми се чини дека за целата наша политичка состојба и за политичкото миље не е многу важно еден таков човек, кој е со таков ментален склоп, повеќе да нема влијание. И затоа тој и прави што сака. Знам дека има и поинакви толкувања, но јас тоа така го гледам” – наведе Живановиќ.

Во изјавата за „муслиманите кои се враќаат на Дрина, за повторно да ја окупираат” – многумина предупредуваат дека Додик во последно време за Бошњаците не го користи нивниот етнички термин. За тоа во едно претходно интервју за нашето радио, зборуваше аналитичарот од Сараево Ибрахим Прохиќ, наведувајќи дека тоа е двојна игра на Додик: 
„Прво, сака Бошњаците да ги редуцира или да направи ретрограден чекор наназад за нивната етничка заедница. Тој сака да каже дека тие се верска, а не етничка група, па со самото тоа не можат да бидат релевантен политички фактор. И второ, игра на картата на светски присутниот страв од исламскиот радикализам и тероризам. Нарекувајќи ги Босанците Бошњаци муслимани, Додик имплицитно праќа порака за опасни луѓе” – изјави Прохиќ.

Што се однесува до реакцијата на меѓународната заедница, за сега Високиот претставник во БиХ Валентин Инзко порача дека правото на враќање е гарантирано со Дејтонскиот договор и дека заплашувањето на повратниците е неприфатливо спротивно на Дејтон. Претседателот на Република Српска Милорад Додик, барањето на Изетбеговиќ за негово санкционирање поради изјавата во Братунац, го означи како „обид за континуирана криминализација на раководството на РС” и порача дека така ќе биде се додека РС постои и дека на тоа треба да се навикнеме или да го игнорираме.