Балкан
24. December 2019 - 12:12

Црна Гора: Со гласови од мнозинството поддржан предлог законот за слобода на вероисповед

Законодавно-правната комисија на црногорскиот Парламент денеска го поддржа со мнозинство гласови владиниот предлог-закон за слобода на вероисповед.

Поддршка за предложениот закон дадоа членовите на владејачкото мнозинство во црногорскиот Парламент, додека членовите на опозициската Демократски фронт, Вељко Васиљевиќ и од СНП, Милун Зоговиќ гласаа против, објавија Вијести.

-Во Црна Гора, како и секаде каде има владеење на правото, сопственоста на имот може да се утврди само со доказ за сопственост, правен субјект може да се стекне само со регистрација во државен орган, а јавните културни добра може да се користат само во согласност со законот, нагласи Зоран Пажин, потпретседател на Владата.

Најспорна одредба во законот се однесува на проверка на легитимноста на сопственоста на верски објекти. Законот предвидува дека верските објекти и земјиштето изградени или стекнати од јавните приходи на државата или во сопственост на државата до 1 декември 1918 година, ќе станат државен имот, освен ако не постојат докази за сопственост на верската заедница на оние објекти што денес ги користат или се регистрирани како сопственици.