Македонија
10. јуни 2020 - 14:11

Чулев: Тврдењата на синдикатот се паушални

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ги оцени како паушални наводите изнесени на денешната прес-конференција на Сојузот на синдикати на Македонија и на Македонскиот полициски синдикат.

– Политизирано и партиски координирано раководство на еден синдикат не може да ги штити правата на работниците, а денешната прес конференција одржана по партиски директиви уште еднаш го потврдува тоа. И таа говори за тоа на каква синдикална организација членуваат дел од вработените во Министерството за внатрешни работи и кој ги „штити“ нивните права, пишува Чулев во реакцијата на Фејсбук.

Во Фејсбук статусот, Чулев наведува дека од првиот ден кога бил поставен за прв човек на Министерството покажал дека правата на работниците за него се важни, а со предлогот за доделување на паричната награда уште еднаш го потврдил тоа.

– Таа поддршка и желба за дијалог ја покажував и преку неколку средби кои ги одржав со членовите на македонскиот полициски синдикат, но и со сите други репрезентативни синдикати. На денешната прес конференција очекував полицискиот синдикат да го запраша Оливер Спасовски и останатите претставници на власта зошто се уште не го прифаќаат предлогот за парична награда за вработените во полицијата и зошто во неколку наврати поништуваат решенија за распоредување на вработени донесени во транспарентна постапка и во согласност со законот, а во која активно учествуваа и потпис имаат ставено и претставници на Македонскиот полициски синдикат. Воедно, го прашувам раководството на Македонскиот полициски синдикат зошто ваква реакција немаше кога Оливер Спасовски пред самото заминување подели голем број на решенија, а за најголемиот дел од нив и самиот синдикат потврди дека се спротивни на законот, пишува Чулев.

Вели дека до него не e пристигнат предлог за награда од 25 илјади денари за секој вработен во МВР, а доколку ваков предлог е доставен до Владата, тогаш, посочува, таа треба да го прифати.

 

– Ги повикувам вработените во Министерството за внатрешни работи да проверат дали раководството на Македонскиот полициски синдикат ги застапува нивните права или пак работи по директива на власта. Јас како министер и понатаму ќе останам отворен за дијалог за сите предлози кои ќе ги унапредат правата на вработени во Министерството за внатрешни работи, вели Чулев во реакцијата.