Свет
26. January 2017 - 17:45

Членките на ЕУ во обид да се договорат за реформа на правилата за давање азил

Министрите за внатрешни работи на 28-те земји членки на ЕУ денеска во Ла Валета се обидуваат да постигнат спогодба за реформа на правилата за доделување азил во ЕУ, за што резерви имаат некои земји членки, пренесуваат француските медиуми.

- Се надевам дека денеска конечно ќе ја најдеме основата за договарање на солидарноста меѓу земји  членки, подвлече еврокомесарот за имиграција Димитрис Аврамопулос.

Минатата година бројот на мигранти, кои го пресекоа Средоземно Море, достигна рекордни нивоа.

- Време е сите да интерпретираме изедначен принципиелен начин на солидарност, додаде тој, без да го крие своето незадаволство од блокирање на реформата на правилата од Даблин, кои определуваат кои земји од ЕУ се одговарни за разгледување на барањата за азил, наметнувајќи несразмерен товар врз Италија и Грција.

Средбата во Ла Валета се одржува во моменти на нараснато стравување на Европејците од, се чини, непрекинатиот доток на мигранти, кои тргнуваат од Либија за да го пресечат Средоземно Море. Малку над половината од вкупно над 180. 000 мигранти, кои минатата година стигнаа до италијанскиот брег, поднеле барања за азил.

Според европските критериуми, меѓутоа, повеќето од нив, во принцип, немаат право да добијат статус на бегалци, затоа што се оценети како нелегални економски мигранти. Тоа значи дека тие не потпаѓаат под дејствијата на противречниот дел од реформата на правилата од Даблин, за раселување на бегалците низ ЕУ, што досега предизвика најостри реакции.

Во септември 2015 година европските земји го донесоа планот за раселување на 160.000 бегалци, кои пристигнааа во Грција и Италија. До овој момент се раселени само 11.000 од нив, а рокот на неговата важност истекува во септември, што поддржувачите на  реформата ги тера да брзааат со прифаќање на новите правила, забележуваат француските медиуми.

Земји како Унгарија и Словачка, меѓутоа, и натаму го одбиваат принципот на раселување на бегалците на нивна територија и предлагаат да покажат солидарност на друг начин, со финансиска помош, на пример. Земји како Франција и Германија, пак, сметаат дека ниту една земја не може да го избегне прифаќањето на минимум мигранти во случај на силен доток.