Македонија
14. September 2021 - 16:43

Четворица експерти од Германија ќе бидат дел од истрагата, МВР потврди дека болницата побарала зголемено обезбедување

Четворица експерти од Федералната криминалистичка служба на Германија ќе се вклучат во истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница. Од Владата велат дека германскиот тим ќе работи со крим техничарите на МВР кои веќе правеле подготовки за заедничко утврдување на причините за трагедијата.

Од МВР велат дека две недели пред трагичниот настан, Клиничката болница во Тетово, побарала засилување на безбедноста на објектите откако бил прекинат доводот на кислород за монтажниот ковид центар. Теренот го обезбедувале припадници на полицијата и армијата.

„На писмено барање од тетовската Клиничка болница, испратено до СВР Тетово, а потоа проследено и до Кризниот штаб во Скопје, од 25 август, после пријавениот случај со двете оштетени бакарни цевки, зголемено е полициското присуство околу објектите на Болницата“, велат од МВР.

Од јавното обвинителство велат дека петтемина обвинители кои го истражуваат пожарот во континуитет собирале докази, но детали за истрагата ќе се објавеле кога условите на постапката ќе го дозволеле тоа.