Македонија
13. March 2020 - 19:33

Четири нови позитивни случаи на коронавирус - кризна состојба во Дебар и во Центар Жупа

Дебар и Центар Жупа од денеска се во карантин. Владата прогласи кризна состојба во овие општини по забрзаното ширење на корона вирусот, што ќе значи ограничено движење во и надвор од општинските граници. Одлуката следува по 4-тер нови случаи од овој регион кои биле во контакт со контактите на заразените сопружници. На Инфективна се хоспитализирани 13 заболени со ковид 19 од кои дури 11 се од дебарско. Еден од нив е со вложена здравствена состојба.  Филипче не може да предвиди дали сликата од Дебар ќе се преслика во Скопје, имајќи во предив дека поради заразената докторка околу 200 лица се во домашна изолација.

- Не може да се предвиди. Ние имавме пример со првозаразената која била 20 часа во комбе со други 12 лица и немаме заразен. Во Дебар, пак, 11 заболени досега. Тоа не може да се знае, вели Венко Филипче, министер за здравство.

За мерките и препораките на Владата, министерот за здравство најави дека ќе најдат начин како да стигнат истите и до заедницата на лицата со хендикеп. За сите оние, пак, кои нема да се придржуваат кон забраните за масовни собири, Филипче најави санкции.

- Овие одлуки мора да се почитуваат бидејќи се работи за здравјето на сите, и ова не е шега, вели Филипче.

Владата донесе и дополнителни мерки за намалување на фрекфенцвијата на луѓе пред шалтерите во јавните институции.

- Дел од документите ќе можат да ги вадат електронски, а не да одат на шалтер, вели Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество.

И додека секојдневно има нови мерки за заштита од корона вирусот, надлежните засега се уште немаат точна бројка колку жени и покрај препораките, минатиот викенд биле излезени од земјата за осми март.