Македонија
31. March 2016 - 11:05

Четири лица полесно повредени во сообраќајки во Скопје

Вкупно 16 сообраќајни незгоди се случиле во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Скопје. Во четири од нив со полесни повреди се здобиле четири лица, а во останатите 12 сообраќајки предизвикана е материјална штета.

Како што информира за МИА самостојниот инспектор Драган Вељаноски од СВР - Скопје, во текот на изминатиот ден по спроведените контроли над учесниците во сообраќајот од страна на сообраќајната полиција, откриени и санкционирани се поголем број на прекршоци. 

Дваесет и четири возачи не ги почитувале ограничувањата на брзината на движење, 17 пешаци поминале надвор од обележан пешачки премин или, пак, на црвено светло, осум возачи не ги почитувале сообраќајните знаци на крстосниците, тројца возачи не отстапиле првенство на минување на возилата во зона на крстосница и 13 возачи не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување со возилото.

Со помош на специјалното возило во текот на изминатиот ден отстранети се 70 возила.

Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај денеска ќе одржи сообраќајна поука во 19 часот во Полициската станица од општа надлежност Гази Баба на која ќе присуствуваат граѓани кои направиле прекршоци по разни основи во својство на пешаци.

Во делот на превентивните активности ќе се одржат едукативни работилници со учениците од второ и четврто одделение во ОУ „Кирил и Методиј“ во општина Чучер Сандево и во ОУ „7 Март“ во општина Чаир.

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.