Македонија
27. January 2021 - 11:54

Честитка од Заев до припадниците на српската заедница по повод Свети Сава

Премиерот Зоран Заев упати честитка до припадниците на српската етничка заедница во државава по повод празникот Свети Сава.

Заев во честитката, објавена на неговиот фејсбук-профил, истакнува дека граѓаните од српската заедница го празнуваат својот празник – националниот ден на Србите во Република Македонија, кој се прославува на денот посветен на еден од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ – Свети Сава.

– Со честитките до сите граѓани Срби во нашата земја, се придружуваме кон одбележувањето и славењето на празникот, кој е дел од нашата традиција на почитување на различните културни особености за заеднички стремеж кон градењето просперитетна иднина за сите граѓани, пишува во честитката на Заев.

Тој натаму посочува дека „со нашите сограѓани од Србија ги унапредуваме традиционално добрите односи и со Република Србија“ и во таа насока во Општина Центар се завршени сите претходни постапки за изградба на Српски културен центар, кој ќе почне да се гради оваа година, истовремено кога во соседна Србија ќе се реализира и идејниот проект за Македонскиот културен центар во Белград.

– Одиме и чекор понатаму и ги враќаме наставните програми за изучување на српскиот јазик и култура за што се одобрени наставните програми од трето до шесто одделение, а во постапка на одобрување се наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение, за разлика од времето кога ВМРО-ДПМНЕ во 2007 година ја укина можноста српскиот јазик да се изучува како изборен предмет. Упатувам најсрдечни честитки по повод националниот ден на Србите во Република Македонија и нека бидат вечни името и славата на Свети Сава, под чие духовно покровителство се одбележува денешниот ден, пишува во честитката на Заев.