Македонија
8. September 2015 - 13:41

Честитка од ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на независноста

ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија им го честита  Денот на независноста, 8-ми Септември.

- Датумот 8-ми Септември 1991 година е испишан со најсветли букви во македонската историја, бидејќи беше исполнување на вековниот сон на генерации Македонци за суверена, слободна и независна Македонија. Република Македонија денес го живее аманетот оставен од илјадници нејзини синови кои преку Илинденската епопеја и АСНОМ ги поставија темелите на државноста која денес суверено и самостојно ја градиме, стои во честитката.

Според ВМРО-ДПМНЕ, храбрите одлуки кои беа донесени пред 24 години треба да бидат поттик да се продолжи бескомпромисно да се оди по патот кон напредокот на нашата татковина.

- Нашата и секоја идна генерација треба да ја продолжи визијата и стремежот со кој започнавме да ја градиме нашата независна државност. Токму тој идеал, Македонија да биде засебен и рамноправен член на меѓународната заедница на држави, е водилка во изградбата на модерно, современо и економски стабилно општество, кое ќе гарантира благосостојба и успех за секој наш сограѓанин, наведува партијата.