Македонија
23. May 2016 - 13:09

Честитка од претседателот Иванов за Националниот ден на Власите

Претседателот Ѓорге Иванов, по повод 23 Мај - Националниот ден на Власите, упати честитка до припадниците на Влашката заедница во Република Македонија.

- Во годината кога треба да прославуваме четврт век од независноста на Република Македонија, нашата заедничка татковина минува низ сериозни предизвици. Но, има едно нешто што ни дава храброст и истрајност на нашиот пат, а тоа е македонската традиција на соживот, почитување и прифаќање на различноста. Тоа е увереноста дека Македонија е татковина на сите нејзини граѓани, независно од етничката, верската, јазичната или која било друга припадност. Влашкиот народ е нераскинлив дел од минатото, сегашноста и иднината на Македонија.

Прославувајќи го денот кога, пред повеќе од еден век Власите биле признаени како посебен народ, со право да се образуваат, да публикуваат и да богослужат на својот мајчин Влашки јазик, ние денес го празнуваме соживотот и заедништвото. Почитувајќи го етничкиот, културниот и јазичниот идентитет на Власите, ние го почитуваме достоинството на нашите сограѓани. Како лојални и посветени граѓани кои се успешни на сите општествени полиња, Власите активно придонесуваат кон градењето на заедничкиот дом, што го наследивме од предците и што ќе го оставиме на нашите потомци. Како и досега, така и во иднина, лично ќе се залагам за понатамошно негување и ширење на влашката традиција и култура во земјава. Нека е за многу години празникот, се наведува во честитката од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.