Македонија
16. July 2019 - 11:58

Чавушоглу: Ние сме природни сојузници, а сега веќе ќе бидеме партнери и во НАТО

Ние сме природни сојузници, а сега веќе ќе бидеме партнери и во НАТО, истакна шефот на дипломатијата на Република Турција, Мевлут Чавушоглу на денешната заедничка прес-конференција со неговиот домаќин министерот за надворешни работи Никола Димитров.

-Со Македонија уште пред да биде поканета во НАТО имавме природно сојузништво и во сите официјални документи на НАТО каде се споменуваше Македонија беше истакнато дека ја признаваме земјата под уставното име. И во понатамошниот период нашата поддршка ќе продолжи. Националното Собрание на Турција го ратификува Пртоколот за членство во НАТО пред мојата посета и затоа сме особено среќни. Поради изборите имавме доцнење, но сега тој процес е завршен, а откако ќе продолжи и во другите земји се надевам дека Македонија и официјално ќе биде членка на НАТО што е од суштинско значење за регионот, рече Чавушоглу.

Тој изрази поддршка и за евроинтеграцијата на земјата и кажа дека се надева оти Македонија во октомври ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ. Ја најави и посетатата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на нашата земја која е во подготовка.

Министерот Димитров се заблагодари на Турција за ратификацијата на Протоколот за  членство во НАТО.

-Тоа не менува ништо суштиски бидејќи ние сме сојузници уште од првиот ден на нашата независност, но сега и формално, а наскоро како идна членка на Алијансата ќе станеме и во таа смисла сојузници со пријателска Турција, рече Димитров.

Тој се заблагодари на Турција и за проектот за дигитализација на архивот на нашето МНР реализиран со поддршка од турската агенција за соработка и развој – ТИКА, кој денеска во просториите на Министерството беше пуштен во употреба. Со дигитализацијата ќе се овозможи пристап до архивите и нивна достапност за научни истражувања.

Во однос на економската соработка Чавушоглу оцени дека трговската размена континуирано расте, но потребни се уште напори да се постигне зацртаната цел таа да дистигне вредност од една милијарда долари, а во тоа помагаат, додаде и околу 100 турски компании кои инвестирале во земјава. ТИКА нагласи тој во земјава досега реализирала 900 проекти со вредност од околу 100 милиони долари.

Чавишоглу вчера во Скопје присуствуваше на одбележувањето на тригодишнината од неуспешниот обид за државен удар во Турција. Во тој контекст турскиот министер за надворешни работи се заблагодари на народот на Македонија, за  поддршката и солидарноста со Турција во тој период. Нагласи дека ФЕТО е терористичка организација, која со својата мрежа во 160 држави во светот е закана и за нашата земја и рече дека очекува конкретни чекори во насока на нивните барања за ФЕТО.

Во рамки на дводневната официјална посета на Република Северна Македонија, министерот Чавушоглу се сретна и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, а треба да има средба и со премиерот Зоран Заев.