Свет
7. July 2016 - 8:59

Центарот на Варшава се претвори во строго чувана тврдина за самитот на НАТО

Центарот на полската престолнина Варшава е претворен во строго чувана тврдина заради самитот на НАТО, што ќе се одржи утре и задутре.

Двометарски железен ѕид веќе го опколи Националниот стадион, што ќе биде клучното место за средбите на свестките лидери, објави бугарскиот портал „vesti.bg“.

Полицајци во жолти флуоресцентни елеци се разместени на секои 10 метри кај стадионот од страна на реката Висла.

Од денеска мостовите околу стадионот и улиците во градскиот центар ќе бидат затворени за движење. По брегот на реката Висла полицајци на коњи, во двојки, веќе патролираат по песочните плажи. Зад баровите на плажите повеќе десетици железни огради чекаат да бидат разместени.

На овој начин, стадионот ќе се претвори во непристапно место, каде најверојатно и пиле нема да може да прелета над спортскиот објект, што ќе биде арена на сериозни разговори, бидејќи во него ќе се одржуваат заседанијата. Тоа ќе се случува во огромната конструкција, крената на фудбалскиот терен на стадионот. Внатре во неа се салите за заседанија, како и просториите на одделните делегации.

Американскиот претседател Барак Обама веројатно ќе се чувствува како дома, пренесува порталот.

- Домаќините на самитот во самиот стадион љубезно му подготвиле соба, што е обезбедена како Овалниот кабинет во Белата куќа, информира прес аташето на американската амбасада во Варшава.

Лидерите, кои ќе се сретнат во Варшава, меѓутоа, ќе бидат заобиколени од сенките на комунизмот, во момент кога се спроведува најголемото трупање воена сила од Студената војна наваму, како одговор на новата Русија.

Во петок (на 8 јули) Барак Обама, Ангела Меркел и другите високо позиционирани гости ќе се хранат во балската сала, што се смета за симбол на триумфот на Западот над комунистичката идеологија и советски експанзионизам. Имено, во неа, во претседателската палата, во 1955 година СССР го потпиша Варшавскиот пакт со неговите тогашни советски сателити, формирајќи го на тој начин сојузот за одбрана, што стана воен противник на НАТО.

Децении подоцна, во 1989 година, во истата оваа сала, на разговори на тркалезната маса се слушна погребниот ѕвон на комунизмот. Разговорите меѓу комунистичката Влада и единствениот независен синдикат во советскиот блок „Солидарност“, доведоа до првите полуслободни избори во Полска.

Во 1999 и 2004 година Полска и официјално токму од оваа балска сала се приклучи прво кон НАТО, а подоцна и кон ЕУ.