Македонија
10. October 2020 - 20:05

Целосна забрана за движење ако нема ефект од новите мерки, лекари и медицински сестри си одат од јавното здравство

Ако граѓаните не внимаваат, ќе се воведе целосен карантин. Ова е следен чекор доколку последниот пакет мерки не даде резултат. Министерот Филипче вели дека задолжителното носење маска на отворено е научно оправдано и како искуство е преземено од европските земји. Ограничувањето на бројот на гости во домовите исто така се разгледува викендов, доколку има правни пречки можни се измени. За последните мерки владата ќе одлучува во вторник.

Уморни од борбата со вирусот, но и поради несогласувања со раководните органи медицински персонал од инфективните одделенија ја напуштаат работата. Трите медицински сестри кои по преговорите со министерот ветија дека ќе останат во инфективната клиника, сепак заминале во скопска приватна болница. Во меѓувреме на нивно место се поставени други. Од јавното здраство си заминале и двајца инфектолози, доктор од клиниката и  шефицата на ковид центарот во градската болница 8ми септември. Министерот не знае кои се причините.

Се пополнуваат капацитетите на инфективните одделенија. Во Куманово , Струмица и Велес нема слободни места за хоспитализација и новите пациенти се препраќани во Скопје. На инфективната клиника има уште десетина кревети,  министерот најави дека ќе се активира и монтажната болница.