Македонија
1. October 2020 - 21:22

Целодневна настава има само на хартија - СОНК бара нови вработувања

Со оглед на тоа што според протоколите не смее да се мешаат деца од различни одделенија, од СОНК сметаат дека за да се организира целодневна настава ќе мора итно да се вработува нов наставен кадар.

“Доколку се организира целодневна настава тоа би било дополнително изложување на потреба од наставнички кадар, што во моментов е дефицитарен и за редовната настава со физичко присуство од прво до трето одделение, бидејќи во најголем дел од училиштата паралелката ќе се дели на две групи.

Веројатно ќе има дополнително вработување согласно Закон за работни односи итно и неодложно во овој период или евентуално со зголем обем на работа кај што ќе бидат вработени и наставници”, вели Јаким Неделков, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура.

Министерката за образование, Мила Царовска, рече дека за организација на целодневната настава не одлучува ресорното министерство, туку секое училиште одделно во координација со родителите.

Од СОНК велат дека клучен проблем не е начинот на кој ќе се организира наставата, туку кадарот што треба да работи со децата.

“Од понеделник работите ќе бидат многу појасни, точно ќе се знае кое училиште во која општина колку може да задоволи со капацитет.

Сега во вакви околности навистина и родителите би требало да размислат кој персонал ќе работи со децата знаејќи дека деца од различни групи не смеат да се мешаат”, вели Неделков.

Освен проблемот со кадарот, од СОНК велат дека сè уште нема информации за тоа колку родители би ги оставиле децата на целодневна настава, па оттука невозможно е истата веднаш да се организира.