Македонија
25. January 2020 - 16:36

Цела Струмица трага по исчезнатата 28 годишна Марија на која и се губи траг пред цела една недела

Во потрагата по исчезнатата Марија Брзакова од Босилово се вклучија и ловните друштва. Околу стотина ловџии,  пред се од ловното друштво Гоце Делчев од Босилово, но и од Ново Село и Струмица  во координација со полицијата утрово тргнаа  во потрага  по 28 годишната Марија која исчезна на 18 – ти овој месец.  Ловџиите заедно со полицијата,  но и граѓани доброволци денеска ќе го пребаруваат теренот околу речните корита, каналите и браните  во регионот.

Од ловното друштво Гоце Делчев најавија дека нивните членови остануваат на терен се додека не се пронајде исчезнатата жена. Најавија,  доколку има потреба, а во координација со полицијата,  потрагата може да ја прошират  и во поширокиот регион. 28 годишната Марија Брзакова  исчезнала во раните утрински часови на 18 - ти јануари. Од тогаш и се губи секаква трага. Според информациите од семејството облечена е во темни тренерки,  на нозете имала патики или влечки,а  со себе не носела ниту  чанта, мобилен телефон  или било каков документ. Висока е околу 160 сантиметри, средна градба, со долга костенлива коса. И од полицијата и од семејството апелираат до сите граѓани кои ќе ја забележат или пак имаат било каква информација да пријават во најблиската полициска станица.