Македонија
19. November 2018 - 13:39

Царовска: Работиме на социјалната инклузија на децата и лицата со попреченост

Во Македонија се уште не може да се обезбеди целосна инклузија на децата и лицата со попреченост во образованието и општеството. Пречките со кои се соочуваат лицата со попреченост се физички и инфраструктурни бариери, постоењето специјални училишта, недостиг на персонални и образовни асистенција, стигма и недоволен капацитет на образовните институции и општеството во целина за да ги прифати, на чие отстранување работи невладиниот сектор, Министерството за труд и социјална политика и МОН преку спроведување проекти за развивање социјални услуги на локално ниво, деинституционализација, но и развој на капацитетите на институциите и оптеството за да можат да овозможат поголема инклузија.

-Затоа ние како Министерство, како Влада работиме на вклучување на овие лица, прво преку затворањето на големите институции со деинституционализација, како процес на извлекување на децата или лицата од институции, но притоа општеството треба да се подготви за нивно прифаќање. Се сеќаваме на случајот „Тимјаник“, кој е пример како ние перцепираме инклузија – да, ама не кај мене во дворот.  И токму затоа, сметам дека овие јавни програми што ги прават граѓанските организации со поддршка ЕК, а во соработка со училиштата, центрите за социјална работа, здравствените установи и локалната самоуправа ќе направат поместување на состојбите, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на презентација на проектот „Инклузивни партнерства во заедниците“, што го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“.

Таа вели дека овој проект ќе овозможи училиштата во кои се спроведува да се поврзат со центрите за социјална работа, а децата со осебни потреби да не се праќаат во специјални училишта, туку да бидат вклучени во регуларни.

-Дајте да видиме да ги зајакнеме градинките да може да ги апсорбираат децата со попреченост да не одат во посебен дневен центар. Да, треба да се намали бројот на деца во групите, воспитувачките треба да се со капацитет и знаење. Но, ваквите иницијативи ја поттикнуваат свеста кај населението зошто сите ние како поединци треба да се отвориме за различноста, а после институциите да се прилагодат и да го зајакнат својот капацитет. Така што, сега во овој прв период ги кршиме тие бариери, па понатаму ќе може да зборуваме за вистинска инклузија, вели Царовска.

Како што појасни директорката на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ Сузана Киранџиска, проектот се спроведува во осум основни и четири средни училипшта, во шест општини.

-Нашата идеја е да направиме парнерство меѓу основните и средните училишта, невладиниот сектор и општините. Во тек се обуки за наставници од училиштата, граѓанските организации и од општините, следната година тие заеднички ќе треба да направат еден план за инклузивна добра практика во нивните општини за што ќе добијат и мал грант со што ќе можат понатака таа нивна инклузивна практика да ја спроведат, рече Киранџиска.

Развојот на социјални услуги е приоритет и на МТСП и како што рече Царовска дел од Програмата со Светска банка предвидува развој на вакви услуги при што се очекува општините да аплицираат со социјален партнер, а Министерството да ги финансира на локално ниво да го воспостават како услуга.

Заменик министерот за образование и наука Петар Атанасов посочи дека во новото законско решение за основно образование се предвидени одредби за овозможување поголема инклузија на децата во образовниот систем и давање можност тие да го дадат својот максимум.