Македонија
19. March 2019 - 13:55

Царовска: Очекувам Собранието што поскоро да ги изгласа законите за социјалната реформа

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска очекува пратениците во најскоро време да ги донесат законите со кои, како што рече, се овозможуваат реформи во социјалната сфера, а треба да им овозможат поквалитетен живот на граѓаните, особено на оние од ранливите категории.

-Министерството за труд и социјална политика МТСП преку Владата го помина пакетот реформски закони на кои сум исклучително горда. Тие се во собраниска процедура. Очекувам Собранието во скоро време во интерес на граѓаните и сиромашните да ги изгласа затоа што тие граѓани од пратениците за кои гласаа пред само две години очекуваат поквалитетен живот, изјави Царовска одговарајќи на новинарско прашање по додаделувањето награди на мрежата „Сите Сити“.

Од МТСП сметаат дека со оваа социјална реформа ќе бидат извлечени 400 илјади граѓани над линијата на сиромаштија, но и ќе се обезбедат еднакви шанси за секое дете. Со овие реформи пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати.

-Наша крајна цел е со овие додатоци да ја намалиме детската сиромаштија, која во моментот изнесува близу 30 отсто. Ова значи дека едно од три деца живее во сиромаштија. Нашиот фокус го насочуваме кон тоа да им помогнеме токму на овие семејства. Со социјалната реформа за првпат системот го отвораме за лицата со ниски примања. Така, додатоците за семејства со деца кои живеат во сиромаштија ќе се зголемат за повеќе од 100, се посочуваше во соопштението од МТСП од пред еден месец кога законите влегоа во собраниска процедура .

Со новиот пакет закони, потсетуваат од министерството, социјалната помош се зголемува за 300 отсто, но се овозможува и полесна активација на невработените на пазарот на труд.

Со воведување, пак, на  социјалната пензија се обезбедува достоинствен живот за оние кои го граделе нашето општество, а немаат извор на приход од кој можат да се издржуваат.

-Со социјалната реформа овозможуваме праведна распределба на средствата, кои ќе бидат насочени кон оние на кои навистина им се потребни, велат од Министерството за труд и социјална политика и притоа ги повикуваат сите пратеници, да се обединат и да ја изгласаат оваа реформа со која, како што потенцираат, ќе се создаде поправедно општество за сите наши граѓани и на сите следни генерации ќе им се обезбеди подобар живот, посочија тогаш од МТСП.

За утре во Собранието е закажана јавна расправа за еден од законите за реформи во социјалната сфера, односно за Законот за социјална заштита.