Македонија
20. August 2017 - 13:43

Царовска: Нема да се градат станови за мигранти и бегалци

Македонија не е атрактивна земја за бегалците, ниту ќе се градат станови за бегалци и мигранти, ниту има предвидено буџет за тоа, вели  министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во неделното интервју за Радио слободна Европа (РСЕ) и укажува дека опозицијата само шири страв кај граѓаните.

Нагласува дека стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година е продолжение на стратегијата 2009-2015 година, со истиот наслов, која што ја донела ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија, вели Царовска, е декларирана и продолжува да биде транзит земја, и тоа се гледа по статистики и бројки.

- Во 2015-2016 година, пред да се затвори рутата, тоа е некаде 9 март 2016 година, во Македонија имало 1.600 мигранти.  Во моментов во Македонија нема повеќе од 60 во двата транзитни центри и во центарот за азил. Овие бројки многу кажуваат дека Македонија ниту е атрактивна земја, ниту некој има потреба да остане во државата. Дополнително, стратегијата за бегалци, не е стратегија за мигранти. Мигранти, бегалци и баратели на азил се три различни категории. Опозицијата се обиде да направи ширење страв по однос на оваа стратегија.  Многу е важно да знаеме дека токму ВМРО-ДПМНЕ зборува против оваа стратегија во која се вклучени најголем број од работите што биле вклучени во претходната стратегија што ја донеле тие. Затоа нема никаква потреба од страв, посочува министерката Царовска.

Со стратегијата, додава,  даваме насока, таа е патоказ и не е обврзувачки документ, не е закон со кој државата се обврзува да изгради станови, ниту пак дека ќе им даде државјанства на овие групи граѓани.

Министерката прецизира дека воопшто нема да се градат станови за бегалци.

- Македонија моментно нема ни предвидено буџетски средства за градење објекти каде што ќе се сместуваат бегалци. Прво би го решавале прашањето на лицата коишто се бездомни во Македонија и напорно работам на тоа да изнајдам средства или земање можен кредит за да се изградат социјални станови, но за граѓаните што се на територијата на Македонија. Оваа стратегија е поврзана со меѓународни документи што Македонија ги потпишала многу одамна. Резолуцијата ја потпишала во 1994 година, па после тоа имаме донесено стратегија и сега ова е континуитет на таа стратегија, што укажува дека Македонија како држава е социјална и има хуман третман кон лицата што транзитираат и ќе ги поддржи во процесот на стигнување до нивната дестинација, појаснува Царовска.

За поднесената интерпелација за нејзината работа од ВМРО-ДПМНЕ, министерката Царовска вели дека ќе одговори во законскиот рок од 15 дена.

- Оваа интерпелација беше една од бројните неосновани интерпелации што Собранието ги достави до министрите и наместо сега да се занимавам со клучни прашања и со животните проблеми на граѓаните за кои во суштина сум поставена како министер, јас треба да одговарам на неосновани обвинувања од страна на опозицијата и партиски манипулации со граѓаните, посочува Царовска во интервјуто за РСЕ.