Македонија
5. March 2021 - 16:38

Бугарите ќе се бројат како посебна етничка група но Уставот нема да се менува, вели Османи

Македонскиот Устав – најнова тема која ја отвори претстојниот попис. Ќе влезе ли бугарската етничка заедница во преамбулата и се разговара ли за ова на официјално ниво?

Според шефот на дипоматијата - не. Откако вчера ја најави ваквата можност, Османи денеска ретерира. Тврди дека постои техничка можност Бугарите да бидат споменати посебно при презентирањето на резултатите од пописот, а по примерот на другите етничките заедници содржани во преамбулата.        

Во деталите на објавувањето на податоците навлезе директорот на Статистика, кој вели дека во историјата на пописите во земјава, можноста некој да се изјасни како што сака никогаш не била ускратена, ниту пак скриена како податок.

Официјално Софија досега нема побарано вметнување на Бугарите во Уставот, тврди Османи. Вели дека нема намера да ја политизира ситуацијата со пописот пред изборите во Бугарија, повик кој до двете земји денеска стигна и од Европската комисија.

Пописот треба да остане статистичка операција, а не политичка, и ги повикуваме сите кои придонесуваат за пописот да го прават тоа на конструктивен начин, е ставот на Европската комисија.