Македонија
4. August 2021 - 19:52

Бугарија барала формула за Македонија да почне преговори со ЕУ

Работиме на формули кои ќе овозможат почеток на преговори на Македонија со ЕУ, но македонската резолуција го стеснува полето за компромис. Ова во интервју за бугарскиот весник “24 часа” го посочува шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев, додавајќи дека во последните два месеца привремената влада во Софија инвестирала „сериозно време и напори“ во разговорите.

Во интервјуто посветено целосно на актуелниот спор со Македонија, Стоев вели дека приоритет на преодната влада е засилување на дијалогот со Скопје. Водени сме од прагматизам, а не од емоции, ќе рече министерот, со надеж дека досега договореното ќе биде добра основа за идната влада при понатамошните разговори.

Македонската резолуција е потенцијална пречка, е ставот на Стоев, кој додава дека Бугарија ќе испитува дали таа е во согласност со Договорот за добрососедство.

„За жал, се појавуваат нови предизвици во билатералната агенда на Бугарија и Република Северна Македонија. Резолуцијата донесена на 29 јули дојде во време кога нашиот дијалог почнуваше да преминува во попозитивна и ветувачка фаза. Ваквите акции не само што имаат за цел да ја ослабат позитивната билатерална динамика во последните месеци, туку и да го стеснат полето на можности за компромис“, дециден е Стоев.

За негов наследник во новата бугарска влада е предложен дипломатот од кариера Ради Најденов. Слично како и Стоев и тој има искуство како привремен министер во 2017 година.

Една од ретките негови изјави е ден по случувањата во Македонија на 27 април, каде што го осудува упадот во Собранието, велејќи дека таквите настани будат сериозна загриженост.

Најденов тогаш истакна дека Бугарија има доследен став кон Македонија - поддршка на евроатлантскиот пат бидејќи, како што вели, тоа е единствена гаранција за стабилноста и просперитетна иднина за регионот.