Македонија
13. August 2020 - 8:23

Бројот на новозаразени и натаму трицифрен, иако има тренд на намалување

Нови 139 случаи со Ковид-19 од 1.627 тестирања беа евидентирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминати 24 часа. Оздравени се вкупно 239 лица. Почина еден пациент од Охрид, на 66-годишна возраст, во болнички услови.

Од новите 139 случаи со Ковид-19, најмногу има во Скопје – 30, Куманово – 20, Гостивар -19, Штип – 15, Струга и Кавадарци  по осум, Тетово и Свети Николе по шест слуачи, Кочани – пет, Кичево – четири, Охрид и Македонски Брод по три, Дебар, Битола, Струмица и Демир Хисар по два и Прилеп, Гевгелија, Берово и Делчево по еден случај.

Регистрирани се 239 оздравени пациенти, од: Скопје-132, Свети Николе-23, Куманово-22, Штип-14, Дебар-8, Битола-7, Тетово и Кичево по шест, Демир Хисар и Прилеп – четири, Кавадарци, Кочани и Делчево по три, Гостивар – два и по еден во Велес и Неготино.

Вкупниот број Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 12.217, бројот на оздравени пациенти е 8.487, на починати е 530, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.200.

Од вкупниот број активни случаи, во Скопје има 1.057, во Штип 342, во Гостивар 304, во Куманово 264, во Тетово 173, во Струга 159, Кичево 128, Дебар 122…

Досега во земјава се направени вкупно 119.102 тестирања на Ковид-19.

На Инфективната клиника примени се девет пациенти. Вкупно се хоспитализирани 76 пациенти од кои на кислородна поддршка се 27 пациенти и нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле се хоспитализирани 15 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, четири деца позитивни на вирусот и шест пациенти суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ во Скопје примени се седум пациенти. Вкупно хоспитализирани се 73 пациенти од кои на респираторна машина се шест пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 36, а во болницата во Штип се хоспитализирани 49 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 137 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Трета недела по ред продолжува трендот на намалување на бројот на новозаболени и починати лица, а се бележи благо зголемување на бројот на оздравени лица според податоците во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од трети до деветти август годинава.

ИЈЗ информира дека во овој период се направени вкупно 9.543 тестирања (1,8 отсто помалку од периодот 27 јули до 2 август) и регистрирани се 816 позитивни случаи на КОВИД-19, што претставува намалување за 10,5 отсто споредено со претходната недела.

Во периодот на известување повторно намалување има и во процентот на позитивни од тестирани случаи, кој изнесува 8,6 отсто споредено со последните две недели кога 9,4 отсто односно 10 отсто од тестираните беа позитивни. Новозаболени се регистрирани во 26 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (31,4 отсто), во Штип (11,3 отсто) и во Гостивар (10,4 отсто). Во 16 градови во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Во однос на старосната структура на новозаболените и во овој период најголем процент се лица над 60 години – 25,9 отсто, а поголем број на заболени се регистрира и кај лицата на возраст меѓу 30 до 39 години – 18,4 отсто. Во возрасната група од 40 до 49 години се 17,9 отсто од новозаболените, а во групата од 50 до 59 години – 17,2 отсто. Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години – 1,6 отсто и од 10 до 19 години четири отсто.