Свет
21. September 2020 - 16:29

Британија соочена со експоненцијална смртност од Ковид-19 ако не реагира брзо

На Велика Британија и се заканува експоненцијален пораст на морталитетот од Ковид-19 доколку со итна акција не се спречи брзото ширење на вториот бран, предупредуваат водечките лекари, јави Би Би Си.

Велика Британија официјално веќе има највисока стапка на смртност од Ковид-19 во Европа, додека е рангирана на петтото место во светот. Во исто време, Велика Британија позајмува огромни суми пари во обид да ги ублажи економските последици од епидемијата.

Сепак, новите случаи на Ковид-19 растат со стапка од најмалку 6.000 на ден во Велика Британија, според податоците од пред една недела, а бројот на хоспитализирани пациенти се удвојува на секои седум дена, а системот за тестирање се уште не функционира правилно.

Крис Вити, висок претставник на британската Влада задолжен за здравство и сер Патрик Валанс, главен научен советник, предупредуваат дека доколку не биде запрен налетот на епидемијата, до средината на октомври бројот на новозаразени ќе достигне по 50.000 дневно.

 

– Педесет илјади случаи на ден би значело дека кон средината на ноември ќе имаме по 200 плус смртни случаи на ден, потенцира Вити.

– Затоа, предизвикот е да се осигураме дека времето на удвојување нема да остане на седум дена, туку ќе биде пролонгирано.

– Ако не сториме доволно, вирусот ќе експлодира… и ако не го смениме правецот, ќе се најдеме во многу сложен проблем, рече тој.

– Вирусот се шири во сите области на Велика Британија, а помалку од осум проценти од населението има произведено антитела на вирусот, иако во Лондон тој процент може да биде 17, вели Валанс.

Итно е потребна и брзина и акција, велат Валанс и Вити.  Најавено е британскиот премиер Борис Џонсон да се обрати утре во Претставничкиот штаб, веднаш по итниот владин состанок.

Министерот за здравство Мет Хенкок рече дека ограничувањата ќе бидат различни овојпат. Владата сака да стави крај на собири, но училиштата и работните места ќе останат отворени.

Владите на Шкотска, Велс и Северна Ирска презедоа активности на своите територии.

Официјално, 41.777 луѓе починаа од новиот коронавирус во Велика Британија.