Македонија
18. August 2022 - 8:24

Бремените жени и лицата над 60 години ослободени од работа, поради високите температури да се избегнува престој на отворено

 Поради топлотен бран во земјава денеска и утре бремените жени и лицата на возраст над 60 години се ослободени од работните обврски, децата во градинките не смеат да имаат физички активности од 11:00 до 17:00 часот, приватниот сектор треба да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, а се препорачува и избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот.

Овие препораки беа донесени на вчерашната седница на Владата откако УХМР ги информираше институциите дека денеска и утре територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури – портокалова фаза. Температурите на повеќето места ќе бидат над 35 степени, а во југоисточните подрачја и над 40 степени.

Владата ги донесе следните препораки:

-Ослободување од работните обврски на најранливите групи на население, како што се бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Во установите за згрижување на децата, (градинките) да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено од 11:00 до 17:00 часот. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран, да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област. Со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците потребно е соодветно организирање на работното време со избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот, се наведува во соопштението.

Согласно овие препораки, Владата донесе заклучоци државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките.

Се препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците и избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Работното време во градинките да се организира во периодот од 7:00 до 17:00 часот, при што да не се практикуваат физички активности и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.

Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Ова особено се однесува на градежните работници, се наведува во сопштението од Владата. е

Под влијание на топол бран денеска и утре температурите на повеќето места ќе бидат над 35 степени, а во југоисточните подрачја и над 40 степени.

Како што соопшти УХМР, за време на викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, а ќе има услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Температурите значително ќе се намалат.

Минималните температури ќе се движат од 13 до 24 степени, а максималните од 28 до 42 степени. УВ-индексот ќе биде 8.