Свет
20. April 2016 - 17:00

Брејвик делумно го доби процесот за кршење на човековите права

Масовниот убиец Андерс Брејвик делумно го доби судскиот процес против норвешката држава во кој тврди дека во затворот му се кршат човековите права.

На 22 јули 2011 година, Брејвик уби 77 лица во два напади во Норвешка. Тој ја отслужува максимално предвидената во националното законодавство казна од 21 година затвор, која може да биде продолжена.

Ќелијата на Брејвик во затворот има три соби со телевизор и компјутер, но без пристап до интернет. Тој се сретнува само со надзорници и медицински персонал. Дури и неговиот адвокат треба да разговара со него преку стаклена преграда.

Во март оваа година Брејвик поднесе тужба против норвешката држава за нехуман третман во затворот, со образложение дека е држен во изолација.

Во денеска донесената одлука, норвешкиот суд делумно ја уважи тужбата на 37-годишниот Брејвик. „Забраната на нехуманото и деградирачко третирање е фундаментална вредност во едно демократско општество. Ова важи и при третманот на терористи и убијци", се аргументите на судијката Анденес Секулич.

Таа го уважи барањето на Брејвик дека држењето во изолација речиси пет години е прекршување на Член 3 од Европската конвенција за човекови права. Судијата пресуди норвешката држава да ги плати судските трошоци на масовниот убиец во случајот во износ од 331 000 норвешки круни (над 35 200 евра).

Во исто време, судот не прифати дека на Брејвик му било прекршено неговото право на приватен и семеен живот.