Македонија
24. February 2020 - 17:01

Бранителите во Таргет-Тврдина обвинуваат дека двајца од понудените сведоци биле на платен список на СЈО

Земале 24 илјади евра од СЈО а сведочат во предмети кои ги отвори истото обвинителство. Одбраната во предметот Таргет-Тврдина обвинува дека двајца сведоци, вработени во поранешното УБК, биле на платниот список на поранешното специјално обвинителство. Според алатката отворени финансии, тврдат дека едниот сведок зел 22 илјади евра од СЈО, додека другиот имал прилив на својата сметка од 2 илајди евра.

Од обвинителството потврдуваат дека сведоците како вработени во УБК, соработувале со поранешното СЈО ама нивната работа не била поврзана со предметот.

„Посочените сведоци имале работен ангажман во СЈО и вршеле транскрипција и превод на некои материјали и тоа е независно од кривично правниот предмет па нема реални причини да не се сослушаат како сведоци“, се вели во известувањето од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Инаку судењата на кои сведочат лица од УБК се затворени за јавноста.

Во предметот се обвинети поранешниот прв човек на УБК Сашо Мијалков, екс министерката Гордана Јанкуловска и двајца поранешни вработени во управата.