Македонија
4. March 2017 - 16:34

Брачен пар го извршил убиството во Прилеп - Го изболе со нож оти не им ги дал бараните пари

Полицијата осомничи, приведе и поднесе кривични пријави против две лица, инаку брачен пар од Прилеп, од немакедонска националност, кои, според доказите се товарат за убиството на 65-годишниот Видан Маркоски, кој завчера беше пронајден мртов, со убодни рани од нож, во стан во центарот на градот, во кој Маркоски речиси две години живеел како кираџија. Осомничените, С.М, 32 години и В.М – 33 години, и двајцата од Прилеп, го признале убиството кое, според признанието, го извршил мажот, односно првопријавениот, а во присуство на второпријавената, инаку негова сопруга. Осомничениот брачен пар биле родители на две малолетни деца.Убиството, најверојатно е извршено заради материјална корист. 
 
Инаку, како што веќе пишувавме, убиениот Маркоски, потекнувал од битолското село Могила, бил корисник на американска пензија и голем љубител на алкохолот, а во неговиот изнајмен стан често се собирале сомнителни друштва, мажи и жени од различна националност.