Македонија
4. August 2017 - 14:04

Бошњаковски: Кадровските промени ќе бидат соопштени по проверката на документацијата

Имињата на лицата за предвидените кадровски промени во институциите, надзорните и управните одбори не можат да бидат јавни се додека владината Комисија за кадровски прашања не ја провери нивната документација и не утврди дека ги исполнуваат потребните услови, рече денеска портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

Одговорајќи на новинарски прашања, Бошњаковски информира дека Владата на вчерашната седница ги усвои сите кадровски предлози и заклучи да именува членови на управни и надзорни одбори во установи, агенции и други органи кои се во нејзина надлежност.

- Комисијата за кадровските прашања на Владата за секое од овие лица поединечно ја проверува содржината на поднесената документација за да потврди дали се исполнуваат условите за именување. Соодветно на фактите, кога тоа ќе биде проверено, решенијата ќе бидат доставени до Службен весник, истакна портпаролот.

Според него, имињата ќе бидат соопштени во истиот момент кога таа работа ќе биде завршена, а се очекува во скоро време.