Балкан
11. March 2016 - 19:12

Борисов: Бугарија инсистира ЕУ да предвиди заштита на сите граници со Турција

Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска испрати писмо до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во кое инсистира ЕУ да предвиди заштита на сите надворешни граници со Турција, јави БТА. 

Писмото е поврзано со преговорите на ЕУ со Анкара за суштинско намалување на миграцискиот прилив.

Според премиерот, ваквата мерка ќе обезбеди заштита на цела ЕУ.

Борисов забележува дека не сите надворешни граници на ЕУ се граници и на Шенген зоната. Тој посочува дека сите држави од фронталната линија треба да можат да сметаат на помошта од ЕУ во управувањето и обезбедувањето на надворешните граници, а не да бидат оставени самите да се справуваат со проблемите.

Премиерот во писмото уште пишува дека ЕУ не треба да се фокусира единствено врз чувањето на грчко-турската поморска граница, дотолку повеќе што правецот на движење на мигрантите е непредвидлив.

Тој инсистира преговорите со Анкара да ги опфатат копнените граници на Турција со Грција и Бугарија, како и границата во Црно Море меѓу ЕУ и Турција.

Бугарија нема да прифати делумно ангажирање на Турција со границата околу грчките острови, затоа што тоа ќе отвори нови патишта за мигрантите. Нашата земја инсистира во идната спогодба со Анкара да се нотира и ангажманот за чување на границите на Турција со Грција и Бугарија.

Според Борисов, прашањето за укинување на визите за турските државјани не треба да биде обврзано со датуми, туку со резултати од примената на спогодбата меѓу Турција и ЕУ за реадмисија. Бугарија, исто така, инсистира да се предвидат неопходните ресурси за сите држави засегнати од миграциските приливи за да може да активно се исполни договорот за враќање на незаконските мигранти во Турција.