Македонија
29. јуни 2020 - 16:59

Болничарки од Куманово втор пат позитивни на корона

Оздравени пациенти повторно се заразиле со Ковид 19. Двајца здравствени работници од кумановската болница се првите случаи во државата кај кои корона вирусот е потврден по втор пат. Едната е медицинска сестра која била позитивна во март на почетокот од пандемијата, но поминала без никакви симптоми. Сега има бронхопневмонија и позитивен брис. Втората е болничарка која во април го прележала вирусот со лесна клиничка слика. Деновиве дознала дека повторно има корона откако отишла да дарува крвна плазма за да спаси друг заболен.

-Медицинската сестра имаше симптоми, ја тестиравме и се појави позитивен тест. Уште повеќе се изненадивме откако и кај втората, болничарката се појави позитивен тест по втор пат. Мислевме дека кога некој ќе прележи вирус има неколку време имунитет, но испадна ова само три месеци. Ова значи дека има многу нејасни работи за вирусот, вели др. Снежана Захариева, директор на болница во Куманово.

Иако реинфекцијата на корона вирусот не е непозната во светски рамки, сепак, медицинските лица од Куманово се први случаи во регионот. Министерот за здравство вели дека ќе ја следат состојбата, иако засега не е познато какао по втор пат се заразиле медицинската сестра и болничарката.

-Ова е нов момент за нас, кај двајца здравствени работници е повторно потврден вирусот, но тоа не е непознаница во светски рамки. Не планираме воведување на рестриктивни мерки, вели Венко Филипче, министер за здравство.

И додека лекарите од кумановската болница се во шок што повторно има реинфекција која укажува дека за вирусот има многу непознаници, болниците во државата се полнат со болни. Во институтот за белодробни заболувањеа кај деца  има хоспитализирано 22-ца пациенти од кои две се деца а останатите возрасани од 41 до 85 години.

-Имаме двајца на кислородна поддршка, децата се добро и наскоро ќе бидат пуштени. Кај возрасните, иако велиме полесна клиничка слика, тоа не значи дека не може да дојде до влошување на состојбата и да бидат ставени на кислород, вели др. Ангелчо Андоновски, директор на болница во Козле.

Доколку има наплив на пациенти за хоспитализација, здравствените власти најавија дека деновиве ќе ја стават во функција и монтажната болница во која ќе биде инсталиран централен систем за кислород.