Македонија
18. May 2017 - 16:15

Бојко Борисов со новата влада ќе подготвува патоказ за членство на Македонија во ЕУ

Бугарскиот Премиер Бојко Борисов има намера со новата македонска влада да подготви патоказ и план за интегрирање на Македонија во Европската Унија.

Борисов во телефонски разговор за бугарската телевизија ТВ плус вели дека по врачувањето на мандатот на Заев, сега се е во рацете на политичарите во Македонија.

,,Во моментот кога ќе има влада ќе организираме билатерална средба со колегите од Македонија, заедно со министрите за надворешни работи, за да направиме таков план или патоказ за Македонија, бидејќи нам ни претстои претседателството со ЕУ и претпоставувам дека на агендата ќе биде темата за проширувањето со земјите од Балканот, така што сите ќе треба да си ја напишат домашната задача, како што направи Бугарија’’, изјави Борисов.

Бугарија ќе претседава со Европската Унија во првата половина од следната година, односно по претседателството на Естонија, што ќе почне на први јули годинава.

Инаку, Бугарија и Грција се единствените земји, директно посочени од еврокомесарот за проширување Јоханес Хан дека со вето го попречуваат почетокот на преговорите за членство на Македонија во Унијата.