Бизнис
24. July 2020 - 19:40

Бизнисот и граѓаните ќе чекаат нова Влада за продолжување на помошта

Нема изгледи за закрепнување на економијата, затоа бизнис секторот бара државната поддршка да продолжи до септември. Но, техничката Влада нема механизам да носи нови мерки за помош на стопанството и граѓаните. За нов пакет ќе се чека новиот владин состав.

Како да се премости периодот до составувањето на новата Влада во услови кога фирмите се борат со слаба ликвидност. Мерката за поддршка на работните места во висина од 14.500 денари важи само за уште месец јули. Затоа од бизнис конфедерацијата препорачуваат работодавачите да најдат начин да ги задржат работниците на работните места затоа што ќе им требаат по завршувањето на кризата.

Земјите од регионот веќе носат одлуки за продолжување на мерките за поддршка на фирмите и граѓаните. Словенија ја продолжи мерката за субвенционирање на платите за луѓето што чекаат работа. Црна Гора усвои нов, трет пакет мерки тежок над милијарда евра. Во Србија се водат преговори за пролонгирање на плаќањето рати за кредити за уште два месеци.