Бизнис
6. January 2020 - 16:34

Бизнисмените се помирија дека нема да има усогласување на календарите за прославувањето на Божик

Бизнисот се помири со неусогласеното празнување на православниот и католички Божиќ, иако големиот број неработни денови претставува финансиски товар особено за извозно-ориентираните компании. Со години бизнис заедницата апелираше да се усогласат празниците бидејќи вака постои долг период на стагнација на соработката меѓу домашните и западноевропските фирми. Од најголемата стопанска комора во земјава велат дека бизнисот се привикнал на состојбата и компаниите наоѓаат различни начини за да ги минимизираат последиците од овој вакуум период.

“Од финансиски аспект, кога се слават Божиќните празници кај нас, ради континуитет во комуникацијата со странските партнери, се зголемуваат трошоците на компаниите кои организираат дежурни служби и работници кои се ангажирани за време на празниците, а кои за тој ангажман  дополнително се плаќаат.  

Кога би постоело усогласување на овие празници најголем бенефит секако би имале извозните компаниите и тоа од металната и електроиндустријата кои се во повеќе од 85% извозно ориентирани, металуршкиот сектор, земјоделско прехрамбената индустрија, текстилот.... Но наспроти тоа, компаниите кои работат на домашен пазар немаат големи проблеми по овој основ и остануваат на ставот Божиќ да се празнува како што е и сега, на 7 јануари”, велат за Сител од Стопанската комора на Македонија.

Иако извозниците се прилагодуваат на различното празнување на Божиќ, сепак бизнис заедницата смета дека доколку дојде до усогласување на празниците, таквата одлука би била добредојдена и корисна за фирмите.

Најголемиот дел држави го празнуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар, на 24 декември, додека според Јулијанскиот се слави на 7 јануари. Во оваа група освен Македонија спаѓаат уште 11 други држави, меѓу кои Србија, Црна Гора, Русија, Белорусија... Вклучувајќи ги и новогодишните неработни денови се создава расчекор од две недели кога речиси целосно запира трговската размена на земјава со странство.