Македонија
17. October 2020 - 16:38

Битола - рекордер по број на сообраќајни прекршоци

Битола е рекордер по однос на изречените сообраќајни санкции. Во денешната засилена акциска контрола на МВР во Битола изречени се 90 санкции, бројка која е досега најголема во споредба со другите градови. Од МВР велат дека целта на овие акциски контроли е создавање ред по улиците и патиштата, но и што помалку жртви од сообраќајни незгоди.

-Имаме 90 санкции за отприлика еден час што е најголема бројка од контролите по градовите. Најмногу се за пречекорена брзина, за нерегистрирани возила, а исто така и за возење без возачка дозвола. На ниво на државата, за овие три недели колку што траат акциите, имаме над 12.000 санкции, но ќе повторам, не е целта да се санкционираат граѓаните, туку да ставиме ред на улиците и на сообраќајниците во државата, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

За санкциите за неносењето заштитни маски, велат дека нема намалување. Бројката варира од ден на ден.

-Имаме периоди кога имаме по 900, 800, 600. Наша цел е да нема ниту една санкција, ние најсреќни би биле кога не треба никој да санкционираме, кога граѓаните би ја почитувале. Оваа мерка не е да изрекуваме санкции туку заеднички да ја победиме оваа болест која повеќе од половина година ни ги има окупирано животите, вели Ангеловски.

По однос на случајот со полицајците кои се суспендирани, а против едниот беше поднесена кривична пријава за инцидентот со тепањето на Ромите во Битола, Ангеловски вели дека кога целата постапка ќе биде целосно расчистена и по насоки на обвинителството, јавноста ќе биде информирана.