Македонија
26. October 2017 - 14:05

Битола ќе соработува со словенечки градови во повеќе области

Градоначалникот на општина Битола Наташа Петровска денеска се сретна со министерот за Словенци во странство Горажд Малц и амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија Милан Јазбец.

Градоначалничката Петровска информираше дека на средбата е договорено организирање две меѓународни конференции што ќе се одржат во Битола.

- Разговаравме за перспективите на нашата соработка и во таа смисла има многу полиња за соработка меѓу Битола и словенечките градови со посебен акцент на образованието, културата, економскиот развој и други заеднички сфери. Соработката со градови од Словенија ќе овозможи заедничка реализација на проекти за заедничка благодет, истакна Петровска.

Според министерот Малц врските на Словенија со Битола датираат од 1913 година и тие секогаш се отворени и исполнети со креативни содржини.

-Среќен сум што сум гостин на градоначалничката на Битола и тоа веднаш на првиот ден од нејзиниот мандат. Тука сум и на одбележувањето на 10-годишнината од основањето на словенечкото друштво „Триглав“ во Битола кое ја негува традицијата на меѓусебно културно поврзување и претставува вистински мост меѓу Македонците и Словенците во двете држави. Се надевам дека во иднина почесто ќе разговараме за економски теми, за поддршка на младите генерации, за образованието и универзитетите, за се што е поврзано со младите и нивниот стручен развој. Очекувам в година да организираме заеднички конференции посветени на соработката во сферата на образованието, но и за стопанството, истакна министерот Малц, по посетата на Битола и средбата со градоначалникот Наташа Петровска.