Македонија
9. March 2019 - 16:47

Битола е лидер во негативен природен прираст

Со природен прираст од минус 92, Битола е лидер во државата по негативен природен прираст според последните податоци на Државниот завод за статистика за последното тримесечје од минатата година. И во овој период, бројот на починати е поголем од бројот на родени лица во Битола. Се родиле 203 бебиња, додека бројот на починати е 295, од кои едно новороденче. Статистиката на битолската болница покажува намалување на наталитетот за минатата година.

-Во 2016 година имало 937 раѓања во Клиничка болница Битола , во 2017 година имало 1097 раѓања, додека во 2018 година имало 765 раѓања. Во првите два месеца од 2019 година има 109 раѓања, намален е наталитетот, истакна Сузана Конеска,Портпарол на клиничка болница Битола.

Битолчани посочуваат дека најголема причина за намалување на наталитетот е тоа што се помалку се склучуваат бракови.

-Малку се женат, се мажат, немаат работа луѓето. Условите не одговараат. Финансиите се во прашање, детенцето треба да се гледа, нема вработување, младината ни бега, велат граѓаните.

Во последното тримесечје лани, според статистиката во Битола биле склучени 109 бракови, а имало 1 развод.