Свет
9. August 2016 - 11:04

Би-Би-Си: Британски специјални единици на прва борбена линија во Сирија

Британскиот радиодифузен сервис Би-Би-Си  објавија фотографии врз основа на кои може да се заклучи дека британски специјални единици се наоѓаат на првата борбена линија во Сирија, бранејќи ги бунтовничките бази од нападите на Исламска држава.

На фотографиите се гледаат околу 12 специјалци на четири воени возила. Наводно тие се снимени веднаш по нападот на ИД врз бунтовничката база Ал Танаф, во кој загинаа деветмина сириски бунтовници.

Фотографиите, кои се направени во јуни, претставуваат прв директен доказ за присуство на британски трупи во Сирија, кои официјално треба само да ги обучуваат бунтовниците во Јордан.

Британските единици се распоредени во одбранбени цели, но се опремени со оружје, како што се снајпери, митралези и противтенковски гранати.

Претходно медиумите пренесуваа дека британски специјални сили, кои се стационирани во Јордан, ја преминуваат границата и влегуваат во Сирија за да и помогнат на бунтовничката Нова сириска војска во базата Ал Танаф.

Распоредување на британски специјални единици во странство не бара одобрување од Парламентот во Лондон, за разлика од испраќање на редовна војска.