Бизнис
24. September 2020 - 11:54

Бесими: Се очекува следната да биде година на опоравување со раст од 4,8% на БДП

24 септември 2020, Скопје - Растот за 2021 година првично се очекува да биде 4,8% од БДП, согласно основното сценарио. Следната година се очекува да биде година на економско опоравување, иако појдовната основа за растот од 4,8% ќе биде ниска од претходната година, вели во интервју за Економски магазин за Алсат-М министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој посочува и дека ковид-кризата е од многу поголеми размери во однос на светската финансиска криза од 2009 година.        

-За 2021 година претпоставуваме дека ќе биде година на економско опоравување со економски раст кој првично е предвиден со 4.8%. Тука сакам да бидам коректен, овие 4.8% кое ќе бидат на ниска основа од 2020 година, но од друга страна ќе зборуваат многу јасно за динамиката на враќање на економијата, ќе зборуваат за брзината на економскиот раст, колку ние ќе создадеме економска ситуација со економските мерки и со проекциите, со предвидливоста и очекувањата, значи со тоа колку ние ќе создадеме економска динамика – рече Бесими.

Бесими посочува дека ковид кризата е во поголеми размери од глобалната финансиска криза од 2009 година.  

-Падот во третиот квартал, зборувам за 2009 година, беше 3.7%. Сега на годишно ниво имаме проектирано пад 3.4%. Во првите 6 месеци имаме пад од 6.5% и само во вториот квартал имаме пад од 12.7%.  Разликата во 2009 и 2020 е дека економскиот пад е четирикратно поголем, зборувам за нашата земја, но и кај глобалната економија е исто. Дозволете ми, и за еден друг момент за кој зборуваме, државниот долг и јавниот долг биле 23.6% или 26.2% од БДП во 2009 година. Сега јавниот долг е 59.5% или 59.7% до крајот на годината. Ова е ситуацијата со која денес се соочуваат Министерството за финансии и домашната економија. Предизвикот и општо главниот приоритет е да се спаси домашната економија, реалната економија и работните места во ова глобална кризна состојба – вели Бесими.

Тој најавува дека структурата на буџетот ќе мора да се ориентира повеќе кон капиталните инвестиции.

-Во структурата на буџетот имаме позиции кои се резултат на нашиот систем во целина, би додал и на нашиот уставен поредок. Ние по Устав сме дефинирани како социјална економија, што подразбира, социјалното осигурување е гарантирано за секој граѓанин, здравственото и социјалното осигурување, на разни основи, било да е вработен или пријавен дека бара работа, или како социјален случај. Го споменувам ова, бидејќи ова се трошоци кои со години, децении се пренесуваат во буџетот и се скапи. Другата позиција е администрацијата и трошоците за одржување и функционирање на администрацијата. И третата компонента на капиталните трошоци, или јавните инвестиции како што ги познаваме пошироко. Тоа што ќе биде важно е дека капиталните инвестиции да бидат повисоки. Ако го споредиме буџетот како составен дел на БДП-то, ние споредбено со европските развиени земји, има до 40% плус-минус, а ние имаме 1/3 на БДП-то. Но, ако се споредува со стандардот на граѓаните, и економскиот раст, нормално е дека ние сме кај 35% од европскиот стандард, со тоа што сме денеска како јавни приходи. Каде ќе се генерираат буџетските приходи, каде ќе се потрошат, би рекол дека буџетскиот дефицит треба да биде важна компонентата на дефицитот, да биде развојна компонента – вели Бесими.