Бизнис
26. May 2022 - 11:11

Бесими: Ребалансот е одговор на кризата, предвидува кратења, но и додавања

Ребалансот е одговор на кризата која не можеше да се предвиди во перидот кога се подготвуваше Буџетот за 2022 и во него, освен кратења, има и додавања, но и реприоретизирање на средствата, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

Одговорајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир,  Бесими нагласи дека очекува Собранието во наредните денови да закаже пленарна седница за ребалансот.

-Со ребалансот се дава одговор на кризата. Мерките што се најавени, се гледаат. Зошто одиме со овој ребаланс и што сакаме да постигнеме – требаше да се адресираат сите потребни прашања меѓу кои и дополнителни средства за кризата за мерки за ранливите категории, кои ќе бидат привремени зависно од потребите, но и да се одржат политиките што ќе значат зачувување на растот. Бидејќи трошоците значително се зголемија и дефицитот се зголемува за 150 милиони евра. При тоа со ребалансот има и околу 13,4 милијарди денари кратења, но во исто време има и додавања, истакна Бесими.

Тој потенцира дека тоа што е ставено во Предлог – ребалансот на буџетот, се очекува и да се реализира.

Според него, како што е договорено на Влада, се крати во сите институции по 10 отсто за трошоци што се неприоритетни, односно кај расходите за стоки и услуги, како што се расходи за ситен инвентар, мебел, возила, а се врши и реприоретизација во однос на динамиката на реализација на некои проекти. Зголемувања, потенцира, има во социјалата и земјоделството, а предвидени се и 76 милиони евра за антикризни мерки.

Патните трошоци, објасни Бесими, не се однесуваат на инстутициите, туку се кај Службата за општи заеднички работи наменети за бегалци и раселени лица од кризата во Украина и Авганистан.

Министерот информира дека во наредните недели ќе има конечен документ во однос на финансирањето. -Планирано е делумно финансирање од ММФ, делумно финансирање за проектите од меѓународните финансиски институции, како и делумно од ЕУ преку ИПА програмите или Рамката за Западен Балкан. Делумно ќе се финансира со задолжување во земјата и на странските пазари. Имаме околу 200 милиони евра отплата на претходен долг, рече Бесими.