Бизнис
11. јуни 2021 - 16:36

Бесими потврди дека е договена еколошка такса, намалувањето на данокот на струјата ќе зависи од поскапувањето

Еколошки данок ќе има, а во план е и намалување на ДДВ од 18 на 5% во сметките за струја. Според министерот за финансии Бесими, Владата не ги објавила новите ставки кога го претстави ребалансот на буџетот – бидејки се уште немало конечна одлука. Во тек се последните консултации, а финалната одлука ќе биде донесена до крајот на месецот.

- Не се работи за зголемување на акциза, туку за еколошки такси, во кои се опфатени и нафтените деривати, а за кои се уште нема одлука на Влада . Се очекува до крајот на месецов да завршат дискусиите и анализите за може да има измени на закон, кој исто така треба да се изгласа во Собрание, за да новините околу еколошката такса и ДДВ се имплементираат во ребалансот, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Сител вчера објави дека во предлог ребалансот на буџетот Владата од 1 јули планира да го намали ДДВ на сметките за струја од 18 на 5%. Со памалиот данок граѓаните кои за потрошена енергија плаќаат 1,000 денари, наместо 180 плус за ДДВ, од 1 јули ќе  плаќаат 50 денари, или ќе заштедат 130 денари. Планот е со ова да се компензира покачувањето кое ќе биде соопштено крајот на јули од Регулаторната Комисија, со оглед на тоа дека сите енергетски компании веќе бараат зголемување на цената. Откажувањето на дел од приходите со оваа ставка ќе го чини буџетот нешто над 33 милиони евра. Но ќе се надополни со новата давачка за увоз и преработка на нафтени деривати, што предвидува надоместокот за  дизел, од сегашните 0,03 денари да се зголеми на 3,5 денари по литар. Со еколошкиот данок за половина година во државната каса би се собрале 27 милиони евра.